(Видео) Иран: Номадски племиња нападнаа два американски хеликоптери „Блек хок“

Иранските власти тврдат дека припадници на номадски племиња во планинските предели на земјата нападнале два американски хеликоптери од типот „Блек хок“, пренесува Би-Би-Си.

Според официјалното соопштение на Иранската револуционерна гарда, нападот го извршиле номади од провинцијата Кохгилује и Бојер-Ахмад, како и припадници на племето Бахтијари. Се наведува дека тие успешно погодиле два хеликоптери во тешко пристапни планински подрачја, на локации каде што нема присуство на редовните ирански воени сили.

Би-Би-Си ја потврди автентичноста на видеоснимка направена вчера, на која се гледаат најмалку три вооружени лица како пукаат кон два хеликоптери „Блек хок“.

Од друга страна, американската мрежа Cи-би-ес известува дека еден хеликоптер, кој превезувал спасен пилот од претходно урнатиот авион Ф-15E, бил погоден од оган од лесно вооружување. Иако има повредени членови на екипажот, леталото успеало безбедно да слета.

„Локалните жители пукаа во ‘непријателските хеликоптери’ и со тоа го спречија нивното слетување во овој реон“, изјави заменик-гувернерот на провинцијата Кохгилује и Бојер-Ахмад.

Номадите и Бахтијарите се традиционални племенски заедници во Иран, познати по своите сезонски миграции низ планинските венци. Тие вообичаено носат пушки за заштита на стоката од диви животни и крадци, но овојпат нивното оружје беше насочено кон американските воени летала.

Scroll to Top