Најмалку 28 лица загинаа, а 64 се повредени откако градежен кран се урна врз воз во движење во североисточен Тајланд. Во возот имало околу 195 патници во моментот на несреќата, која се случила околу 9 часот наутро по локално време во среда, јавува Би-би-си.
Кранот го исфрлил возот од шините и здробил неколку вагони, од кои еден се запалил. Спасувачите успеале да ги евакуираат патниците, а повредените биле однесени во регионалните болници. Меѓу 64-те повредени има едногодишно дете и 85-годишен маж, а осум се во сериозна состојба.
Владата нареди истрага за инцидентот, најновиот во низата смртоносни несреќи што се припишуваат на безбедносни пропусти. Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул повика „некој да биде казнет и да биде повикан на одговорност“ за несреќата.
„Несреќи како оваа можат да се случат само поради небрежност, прескокнати чекори, отстапувања во дизајнот или употреба на неисправни материјали“, рече Анутин.







