Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Јужна и Југоисточна Азија надмина 1.000, додека спасувачките екипи продолжуваат да се справуваат со последиците од трите разорни циклони. Според најновите податоци од властите, 502 лица ги загубиле животите во Индонезија, најмалку 334 во Шри Ланка и 176 во Тајланд, додека напорите за спасување и опоравување продолжуваат низ целиот регион, пишува „Скај њуз“.
Во Шри Ланка, спасувачите сè уште бараат 370 лица кои се водат за исчезнати по ударот на циклон кој поплави домови, полиња и патишта и предизвика смртоносни лизгања на земјиштето во ридестиот централен регион на земјата. Речиси еден милион луѓе беа погодени од обилните дождови, а речиси 200.000 беа принудени да бараат сместување во привремени засолништа.
Во понеделник, жителите во близина на главниот град Коломбо спасуваа остатоци од имот од поплавените домови. Иако железничкиот и воздушниот сообраќај се вратија во нормала по прекинот од минатата недела, училиштата остануваат затворени. Претседателката Анура Кумара Дисанајаке го опиша циклонот Дитва како „најголемата и најпредизвикувачка“ природна катастрофа во историјата на Шри Ланка.
Спасувачките екипи во Индонезија бараат најмалку 508 исчезнати лица. Во текот на викендот, жителите почнаа да чистат кал, паднати дрвја и остатоци од патиштата. Повеќе од 28.000 домови беа оштетени во налетот на ретката тропска бура, а 1,4 милиони луѓе беа погодени.
Претседателот Прабово Субианто ја нарече ситуацијата катастрофа и вети дека ќе ја обнови инфраструктурата за време на посетата на трите погодени провинции, каде што се раселени речиси 300.000 луѓе. Шокантно сведоштво доаѓа од Африанти (41) од градот Паданг: „Водата едноставно се искачи во куќата и се исплашивме, па избегавме. Потоа се вративме во петок, а куќата ја немаше, беше уништена.“
Таа и нејзиното деветчлено семејство сега живеат во импровизиран шатор покрај единствениот ѕид што останал од нивниот дом.







