(Видео) Поплави и одрони на Нов Зеланд: се трага по исчезнати лица

Службите за итни случаи на Нов Зеланд бараат неколку лица, вклучувајќи и едно дете, кои се водат како исчезнати откако лизгање на земјиштето погоди камп во планината Маунгануи.

Силни бури предизвикаа огромна штета низ Северниот Остров, а во пет региони е прогласена вонредна состојба по неколкудневните рекордни врнежи од дожд, објавува „Гардијан“.

Министерот за управување со вонредни состојби, Марк Мичел, изјави за RNZ дека делови од источниот брег се како „воена зона“.

Хеликоптери се користат за спасување на семејствата кои се засолниле на покривите на своите домови од поплави. Лизгањето на земјиштето се случи утрово во камп во популарната туристичка дестинација на планината Маунгануи. Министерот Мичел потврди дека едно девојче е меѓу исчезнатите.

„Во моментов е чувствително прашање“, рече тој. „Сите работат напорно колку што можат за да го постигнат најдоброто можно решение, но нема сомнение дека станува збор за многу тешка и предизвикувачка ситуација“, додаде тој.

Портпаролот на противпожарната служба и службите за итни случаи, Вилијам Пајк, изјави дека првите луѓе кои реагирале на местото на настанот слушнале повици за помош од свлечиштето.

„Се обидоа да влезат во урнатините и слушнаа неколку гласови. И противпожарната екипа ги слушна“, рече тој.

Снимките од планината Маунгануи покажаа превртени кампери и искорнати дрвја. Сведоците им кажаа на локалните медиуми дека слушнале екстремно гласен шум пред голем дел од ридот да се сруши врз кампот.

Scroll to Top