Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи на Фејсбук за прв пат по оставката на Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот лидер.
Како што нагласи на самиот почеток, „Русија едвај чека Украина да прави грешки“.
– Ние нема да ги правиме. Нашата работа продолжува. Нашата борба продолжува. Немаме право да не успееме, немаме право да се повлечеме или да се свртиме едни против други. Ако го изгубиме единството, ризикуваме да изгубиме сè – себеси, Украина и нашата иднина. Мора да стоиме заедно. Мора да издржиме. Нема друг избор. Никогаш нема да има друга Украина. Ние ја браниме Украина. Слава на Украина! – рече Зеленски.
Зеленски денес објави дека неговиот шеф на кабинетот, Андриј Јермак, поднел оставка.
– Прво: Канцеларијата на претседателот на Украина ќе назначи ново лице на чело – шефот на кабинетот, Андриј Јермак, ја потпиша својата оставка – рече Зеленски во своето вечерно обраќање, пренесува Интерфакс Украина.
Тој му се заблагодари на Јермак за неговата досегашна работа и рече дека утре ќе одржи консултации за тоа кој би можел да биде новиот шеф на неговиот кабинет, пренесува УНИАН.







