(Видео) Русија погоди воз кај Полска; европски политичари претходно поминаа оттаму

Руски дрон погоди воз во близина на украинско-полската граница, кратко откако поранешниот британски премиер Борис Џонсон и високи европски безбедносни претставници патувале по истата железничка линија.

Во нападот во близина на Јаходин била погодена локомотива, но немало загинати ниту повредени лица. Сите патници биле претходно евакуирани, соопштија украинските власти, пренесува Би-би-си.

Џонсон и други европски советници за национална безбедност – меѓу кои и Британецот Џонатан Пауел – претходно патувале по истата линија со друг воз, враќајќи се од конференција во Киев.

Русија објави дека цел на нападот била „железничката инфраструктура“ во западна Украина, додека украинската државна железничка компанија „Укрзализницја“ изјави дека е „сосема можно цел на ова беспилотно летало да бил дипломатски воз“.

Петреус: Беше застрашувачки
Поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус, се наоѓал во друг воз на станицата Јаходин во моментот на нападот.

„Беше застрашувачки“, изјави тој за „Њујорк тајмс“.

„Ова е чин на навистина варварски лидер кој се обидува да ги тероризира украинските цивили“, рече Петреус.

„Укрзализницја“ соопшти дека возот со дипломати тргнал порано од првично планираното поради промена на возниот ред и постојаната закана од руски напади.

Наредбата за евакуација на патниците од погодениот воз беше издадена само 15 минути пред ударот на рускиот дрон на млазен погон.

Украинските и полските власти соопштија дека дронот ја погодил целта на околу два километри од полската граница.

Билт: Ни рекоа да се подготвиме за евакуација
Поранешниот шведски премиер Карл Билт, кој исто така присуствуваше на конференцијата во Киев, за Би-Би-Си изјави дека патниците во возот со кој патувал добиле инструкции да се подготват за евакуација.

„Во возот во кој се наоѓав, откако тој застана, добивме наредба да се подготвиме за евакуација. Но, неколку минути подоцна, ни рекоа дека сè е во ред и дека можеме да продолжиме“, рече Билт.

Неговиот воз подоцна безбедно пристигна на полската гранична станица Дорохуск.

Некои медиуми објавија дека Билт патувал во истиот воз како и Џонсон, но поранешниот британски премиер не ги потврди деталите за своето патување.

Џонсон: Украинците го доживуваат ова секој ден
Џонсон се огласи на платформата „Икс“ по нападот.

„Не знам каква изопачена логика го навела Путин утрово да разнесе украинска локомотива што стоела во место на полската граница“, напиша тој.

Тој додаде дека ова е „вид на случаен и бесмислен напад каков што Украинците трпат секојдневно, дури и на цивилната железница“.

Полскиот премиер Доналд Туск свика итен состанок по нападот.

„Ескалацијата на дејствијата од руска страна станува реалност и се приближува сè повеќе до нашата граница“, рече Туск.

Scroll to Top