Два воза се судрија утрово во Хрватска, меѓу железничките станици Свети Иван Жабно и Градец, кај Крижевци. Во судирот учествувале товарен воз на HŽ Cargo и патнички воз на HŽ Putnički prijevoz.
Според последните информации од хрватското Министерство за здравство, повредени се 20 лица, од кои шест потешко, а 14 полесно.
Во патничкиот воз во моментот на несреќата имало околу 20 патници. Во Општата болница во Бјеловар биле згрижени седум повредени лица. Најтешко повредена е помлада жена, која е на интензивна нега, но е во стабилна состојба. Дел од повредените се пренесени и во болници во Загреб, додека се очекува дел од полесно повредените да бидат згрижени и во болницата во Копривница.
Несреќата се случила во 10:05 часот на пругата меѓу Свети Иван Жабно и Градец. На местото се полицијата, итната медицинска помош, пожарникарите и други надлежни служби.
Пругата на оваа делница е затворена за сообраќај.
Претседателот на Управата на HŽ Infrastruktura, Дамир Лончариќ, изјави дека во несреќата нема загинати и дека е прерано да се зборува за причините.
„За причините и сите околности на несреќата во овој момент е прерано да се зборува, бидејќи тоа е предмет на истрага“, изјави Лончариќ.
Полицијата соопшти дека добила пријава за судирот околу 10:08 часот и дека во тек е увид.
Причините за судирот засега не се познати.







