Виткоф: Иранците ни кажаа дека имаат доволно ураниум за 11 нуклеарни бомби

Пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, рече дека иранските преговарачи нему и на зетот на Трамп, Џаред Кушнер, „директно и без никаков срам“ им кажале дека контролираат 460 килограми ураниум збогатен до 60 проценти и дека се свесни дека тоа може да произведе 11 нуклеарни бомби.

Тој додаде дека Иранците се горди на фактот што успеале да ги избегнат сите протоколи за надзор за да стигнат до тоа ниво. Според него, Иран има приближно 10.000 килограми фисионен ураниум, од кои околу 460 килограми се збогатени до 60 проценти, 1.000 килограми до 20 проценти, а остатокот до 3,67 проценти.

Виткоф изјави дека Иран самиот произведува центрифуги за збогатување на ураниум, што ги прави речиси невозможни за запирање и има неограничен капацитет.

Тој, исто така, предупреди дека ураниумот збогатен до 60 проценти може дополнително да се збогати до 90 проценти, нивото потребно за производство на нуклеарно оружје, за околу една недела, „можеби десет дена“ најмногу, додека ураниумот збогатен до 20 проценти може да го достигне тоа ниво за три до четири недели.

Според него, иранските преговарачи, исто така, рекле дека имаат неотуѓиво право да го збогатат целиот нуклеарен материјал што го поседуваат, што беше почетната рамка на преговорите.

„Американските претставници им кажаа дека претседателот на Соединетите Американски Држави верува дека Соединетите Американски Држави имаат неотуѓиво право да го спречат Иран да го стори тоа“, нагласи Виткоф.

Иранците потоа рекле дека нивното „неотуѓиво право на збогатување“ е почетната точка, за што Виткоф и Кушнер, претставникот на Трамп, се погледнале и рекле: „Сега сме навистина во неволја“.

Водителот на „Фокс њуз“ го праша Виткоф за обидите да му се понуди на Иран сценарио во кое ураниумот ќе се одржува на ниско ниво на збогатување.

Виткоф одговори дека САД му понудиле на Иран договор според кој нема да збогатува ураниум десет години, а САД ќе плаќаат за нуклеарното гориво во име на иранската држава. Таа понуда, рече тој, била „лесно одбиена“.

Според него, ова нему и на Кушнер му покажало дека Иран нема намера да се откаже од збогатувањето на ураниум со цел да го претвори овој материјал во оружје. Трамп, рече тој, испратил пратеници за да утврди дали Иран е сериозен во врска со постигнувањето договор што ќе ги исполни целите на претседателот.

Тие цели, рече Виткоф, вклучуваат демонтирање на ракетната програма на Иран, прекинување на застапувањето и поддршката на терористичките сојузници кои го дестабилизираат Блискиот Исток, демонтирање на иранската морнарица за да се обезбеди слобода на пловидба и да се спречи евентуална блокада на Ормутскиот теснец и спречување на Иран да развива нуклеарно збогатување.

„Влеговме во тоа обидувајќи се да постигнеме фер договор и многу брзо стана јасно, веројатно до крајот на вториот состанок, дека тоа ќе биде невозможно. Се вративме на третиот состанок за да се обидеме повторно, но ниту тој состанок не беше позитивен“, заклучи Виткоф.

 

фото/ЕПА

Scroll to Top