Во Холандија утрово почнаа парламентарните избори, избирачките места се отворија во 7:30 часот и ќе бидат отворени до 21:00, по што ќе започне пребројувањето на гласовите и објавувањето на првите резултати, јави холандскиот јавен сервис „НОС“.
Право на глас имаат околу 13,5 милиони граѓани, а гласањето се одвива на 27 партии со 1.166 кандидати за 150 пратенички места.
Некои избирачки места беа отворени уште од полноќ. На поголемите железнички станици има и мобилни пунктови за гласање.
Анкетите покажуваат дека трката е исклучително тесна, а крајнодесничарската Партија за слобода (PVV) на Герт Вилдерс има шанса за силен резултат, иако повеќето партии не сакаат коалиција со него. Поддршка имаат и левите и десноцентристичките партии.
По распадот на претходната четирипартиска влада, парламентот брои дури 15 партии, па аналитичарите предупредуваат дека формирањето нова влада може да трае со месеци.






