Соединетите Американски Држави и Иран електронски потпишаа меморандум за разбирање кој предвидува крај на војната и повторно отворање на Ормутскиот теснец, а договорот веќе стапил во сила, потврдија двајца американски претставници за „Аксиос“.
Според извори од американската администрација, документот бил лично потпишан од претседателот Доналд Трамп.
Потпишувањето првично било закажано за утре во Швајцарија, но дипломатски извори тврдат дека во последните денови имало дискусии за можноста за забрзување на целиот процес и порано стапување на договорот во сила.
Дипломат од земјата посредник изјавил дека главната причина за забрзувањето е што е можно поскоро повторно отворање на Ормутскиот теснец, за што двете страни веќе се согласиле. Други извори велат дека дополнителен фактор бил растечкиот политички притисок врз Белата куќа јавно да ја објави содржината на меморандумот.
Сепак, извор запознаен со преговорите тврди дека токму Иран инсистирал текстот на договорот да не биде објавен пред формалното потпишување и ги отфрла тврдењата дека Вашингтон подлегнал на политички притисок.
Иранското Министерство за надворешни работи објави дека двете страни се согласиле да го потпишат меморандумот електронски, без да чекаат формална церемонија.
Сепак, состанокот на делегациите на САД и Иран, предводени од потпретседателот на САД Џ. Д. Венс и претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Галибаф, сепак е закажан да се одржи вутре во Швајцарија.
Се очекува главната тема на разговорите да биде започнувањето преговори за иднината на нуклеарната програма на Иран и изготвувањето на конечен договор меѓу Вашингтон и Техеран.
Дополнителна забуна е предизвикана од различните извештаи за тоа кога всушност е потпишан меморандумот.
Висок американски функционер изјави дека документот бил електронски потпишан во неделата од Доналд Трамп, Џ. Д. Венс и Мохамед Багер Галибаф.
Од друга страна, дипломатски извор вклучен во преговорите тврди дека такво потпишување не се случило во тој момент.
Друг извор запознаен со разговорите изјави дека потпишувањето во неделата навистина се случило и дека најновиот електронски потпис всушност е „второ потпишување“ на документот. Сè уште не е јасно зошто биле потребни две одделни процедури за потпишување.
Според истите информации, Трамп го потпишал меморандумот за време на официјална вечера во Франција, каде што престојувал во друштво на францускиот претседател Емануел Макрон.
фото/Depositphotos







