Данската премиерка Мете Фредериксен го посети Нук, главниот град на Гренланд, на разговори со лидерот на територијата, Јенс-Фредерик Нилсен. Посетата доаѓа по напната недела во која американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од заканите за преземање на арктичкиот остров и се согласи на разговори.
Тензиите се смирија откако Трамп во средата ја отфрли можноста за воена акција и објави на социјалните мрежи дека е постигната „рамка за иден договор за Гренланд“ по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Давос, јавува Би-би-си.
Знак на поддршка и дипломатски пат
Деталите од договорот сè уште не се познати. Премиерката Фредериксен долета директно од Брисел, каде што се сретна со Руте во петокот наутро. Според неговата најава, тие се согласиле да „го зајакнат одвраќањето и одбраната на Арктикот“.
По пристигнувањето во Нук, Фредериксен беше пречекана од Нилсен. „Пред се, денес сум во Гренланд за да ја покажам нашата силна данска поддршка за народот на Гренланд“, изјави таа за новинарите. „Ова е многу тешко време, секој може да го види тоа“.
„Се наоѓаме во сериозна ситуација. Тоа го гледаат сите. Сега постои дипломатски, политички пат што ќе го следиме“, додаде таа, објаснувајќи дека нејзината посета е „работна“ за да се подготват „следните чекори“.
Трамп во четвртокот за „Фокс њуз“ изјави дека САД „добиваат сè што сакаат без никакви трошоци“ и дека „дел“ од неговиот планиран систем за ракетна одбрана „Златна купола“ ќе биде поставен на Гренланд. На прашањето дали станува збор за „преземање“, тој рече: „Тоа е целосен пристап. Нема крај, нема временско ограничување“.







