Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија постигнаа значителен напредок на својот пат кон ЕУ во изминатата година, додека другите земји-кандидатки ќе мора да инвестираат повеќе, изјави денес комесарката за проширување Марта Кос.
„Значителниот напредок постигнат досега од Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина на нивниот пат кон ЕУ покажува дека реформите се исплатуваат. Ова треба да послужи како силна мотивација за сите земји вклучени во процесот“, рече Кос, презентирајќи го извештајот за напредокот на земјите-кандидатки и потенцијални кандидатки пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Кос нагласи дека проширувањето на Европската Унија би можело да стане реална можност со оглед на забрзаното темпо на конвергенција на некои земји. За да се случи проширувањето, земјите-кандидатки треба да се подготват да ги преземат одговорностите за членство, додека Европската Унија треба да се подготви за проширување, додаде Кос.
Кос нагласува дека следната година ќе биде „момент на вистината“ за сите земји-кандидатки, особено за оние со амбициозни планови за завршување на преговорите.
Фото: принтскрин







