Германија се претвори во главен спонзор на војната во Украина и има една од главните улоги во милитаризацијата на Украина, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во вторникот објави дека Берлин и Киев постигнале договор за стратешко партнерство и понатамошно зајакнување на соработката во сферата на одбраната и обновата на Украина, според „Спутник“.
Шефот на киевскиот режим, Владимир Зеленски, изјави дека Берлин и Киев потпишале 10 договори, меѓу другото, за испорака на системи за воздушна одбрана.
„За овие цели веќе се потрошени околу 55 милијарди евра. Планирано е да се издвојат уште 11,5 милијарди евра во 2026 година. Дополнителен „бонус“ за Киев беше изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц за намерата на Берлин да придонесе за враќање во татковината на украинските граѓани кои нашле засолниште во Германија, со цел да се обезбеди нејзината „одбранбена способност и територијален интегритет“, изјави Захарова.
Ваквите „подароци“ тешко дека биле бесплатни.
„За возврат, очигледно, од Зеленски бил побаран надомест во форма на заострување на мобилизацијата, што значи убивање на украински граѓани, преку намалување на старосната граница и регрутирање жени, како и овозможување пристап до природни ресурси. Договорот со Берлин за соработка во експлоатацијата на украинските минерални ресурси е постигнат за време на претходно споменатите „консултации“, рече портпаролката.
Според неа, договорите за оружје меѓу Германија и Украина претставуваат „смртоносна великодушност“.
„Таквата таканаречена смртоносна великодушност предизвикала нескриен ентузијазам кај Зеленски, кој ја нарече Германија „главен партнер“ во сферата на одбраната. Преведено на обичен јазик, Германија е главен партнер на Зеленски во испраќањето на граѓаните на Украина во сигурна смрт“, рече Захарова на брифинг за медиумите.
Захарова, исто така, рече дека Зеленски намерно ја претвора Украина во воен инструмент против Русија и дека е подготвен да фрли дури и деца во ровови.
„Зеленски го претвора украинскиот народ во воен персонал на украинската армија. Тој е подготвен да турне дури и деца во рововите“, истакна таа.







