Претседателот на Украина, Володимир Зеленски побара нова средба со американскиот претседател Доналд Трамп, откако нивни претставници повторно разговарале за најспорните прашања во мировните преговори за ставање крај на војната во Украина.
Киев е под постојан притисок од Соединетите Американски Држави за што побрзо постигнување мир, но инсистира на безбедносни гаранции од сојузниците и ги одбива руските барања за отстапување на источниот дел од Доњецката област и за губење на контролата врз нуклеарната централа Запорожје.
Во разговор со новинари преку „Ватсап“, Зеленски изјави дека сака повторно да се сретне со Трамп за да ја процени неговата подготвеност САД да гарантираат долгорочни безбедносни гаранции, подолги од 15 години, во случај на примирје. Тој го повика Трамп да изврши поголем притисок врз Русија, оценувајќи дека Москва ладно реагира на мировните напори поддржани од САД и продолжува со воздушни напади врз украинските градови и енергетската инфраструктура.
„Американците во моментов се продуктивни и резултатите се добри. Мора да извршат притисок врз Русија. Имаат алатки и знаат како да ги користат“, изјави Зеленски.
Белата куќа засега не одговори на барањето за коментар за можната нова средба меѓу Зеленски и Трамп.
Фото: Depositphotos







