Недостигот од пресретнувачки ракети од системот „Патриот“ со кој се соочија украинските вооружени сили во јануари – а кој ѝ овозможи на руската армија да нанесе штети на енергетската инфраструктура – не е поврзан со доцнења во плаќањата од европските донатори или со други финансиски проблеми, изјави претставник на НАТО во Брисел, во очи состанокот на министрите за одбрана на Алијансата, пренесува „Европска правда“.
Анонимен функционер од НАТО, вклучен во набавката на американско оружје за Украина, нагласи дека не постоело никакво доцнење или застој во испораките поради финансирање. Според него, ракетите што се испраќаат преку програмата PURL пристигнуваат со најголема можна брзина според капацитетите на американскиот логистички систем.
„Од јули досега, нема дополнителни прекини. Програмата се одвива според планот“, изјави тој.
Нагласи и дека структурата на американските резерви за ПВО значи дека спомнатото „доцнење со плаќање“ во Киев не може да влијае на испораките. „САД не одложува поради финансии“, додаде.
Иако ги негираше финансиските проблеми како причина за доцнењата, НАТО-претставникот призна дека загриженоста на украинскиот претседател е разбирлива.
„Зеленски е сосема во право – Украина критично се соочува со недостиг од муниција, особено од ракети PAC-2 и PAC-3“, рече тој. Дури и механизмот PURL не може целосно да го задоволи бараниот обем кога Русија врши масовни напади и го преоптоварува украинскиот ПВО-систем.
„Логистиката е непредвидлива – не можеме точно да кажеме кој ден ракета ќе ја премине границата“, објасни официјалниот претставник, но повтори дека тоа не зависи од финансирањето, туку од логистичките синџири.
Зеленски, на Светскиот економски форум во Давос претходно годинава, го искажа незадоволството, посочувајќи дека „траншата од PURL не е платена – ракетите не дојдоа“. По таа изјава, НАТО соопшти дека неколку земји-партнери ќе ѝ помогнат на Украина со ракети од сопствени резерви.
Шест земји кои досега најмногу придонеле за набавка на американско оружје за Украина, според украинскиот амбасадор при НАТО, се: Норвешка, Холандија, Германија, Канада, Шведска и Данска.







