Израел се подготвува за напади врз иранските енергетски постројки, но чека одобрение од Вашингтон, изјави висок израелски одбранбен функционер, пренесува Ројтерс.
Според истиот извор, доколку биде добиено „зелено светло“, нападите би можеле да се случат веќе во текот на следната недела. Оваа најава доаѓа во моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп му постави ултиматум од 48 часа на Иран, со што дополнително се заостри ситуацијата и се отвори прашањето дали САД директно ќе ја поддржат новата израелска воена акција.
Клучни цели на можните напади:
– Нафтени и гасни постројки.
– Електрични централи.
– Клучна инфраструктура, вклучувајќи мостови.
Ултиматумот на Трамп и притисокот врз Техеран
Трамп во своите последни обраќања и објави се закани дека САД ќе ги гаѓаат иранските енергетски капацитети и инфраструктура доколку Техеран не се согласи на условите на Вашингтон, кои првенствено вклучуваат итно отворање на Ормутскиот Теснец. Американскиот претседател упати порака дека Иран ќе биде погоден „исклучително силно“ доколку не попушти пред барањата.
Глобални последици и енергетска криза
Ултиматумот и израелските подготовки го зголемуваат притисокот врз Вашингтон да одлучи дали дополнително ќе ја прошири воената кампања или ќе се обиде да избегне тотална ескалација.
Војната, која трае од крајот на февруари, веќе сериозно ги наруши глобалните енергетски пазари и доведе до нагло зголемување на цените на нафтата. Ормутскиот Теснец останува главна точка на тензија, бидејќи неговата блокада директно го загрозува светското снабдување со енергенси.







