Иран e подготвен на компромис со САД за да избегне американски напад, објави Ројтерс

Иран кажал дека е подготвен да направи отстапки во својата нуклеарна програма во разговорите со САД, во замена за укинување на санкциите и признавање на неговото право да збогатува ураниум, со цел да избегне американски напад.

Двете страни и понатаму се длабоко поделени – дури и околу обемот и редоследот на олеснувањето на строгите американски санкции – по две рунди разговори, изјавил висок ирански функционер за Ројтерс.

Сепак, Ројтерс за првпат објавува дека Иран нуди нови отстапки откако разговорите завршија минатата недела, кога страните изгледаа далеку од договор и поблиску до воен конфликт.

Аналитичарите велат дека овој потег сугерира оти Техеран се обидува да ја одржи дипломатијата жива и да спречи голем американски напад.

Функционерот изјавил дека Техеран сериозно би разгледал комбинација од испраќање половина од својот највисоко збогатен ураниум во странство, разредување на остатокот и учество во создавање регионален конзорциум за збогатување – идеја што периодично се споменува во долгогодишната дипломатија поврзана со Иран.

Иран би го сторил тоа во замена за американско признавање на неговото право на „мирно нуклеарно збогатување“ во рамки на договор што би вклучувал и укинување на економските санкции, рекол функционерот.

Дополнително, Иран понудил можност американски компании да учествуваат како изведувачи во големите нафтени и гасни индустрии на Иран, во рамки на преговорите за решавање на деценискиот спор околу нуклеарните активности на Техеран.

„Во рамки на економскиот пакет што се преговара, на Соединетите Држави им се понудени можности за сериозни инвестиции и конкретни економски интереси во иранската нафтена индустрија“, изјавил функционерот.

Вашингтон го гледа збогатувањето ураниум во Иран како можен пат кон нуклеарно оружје. Иран негира дека има намера да развива нуклеарно оружје и бара неговото право на збогатување ураниум да биде признаено.

Иран и САД ги обновија преговорите претходно овој месец, додека САД го зголемуваат своето воено присуство на Блискиот Исток. Иран се закани дека ќе ги нападне американските бази во регионот доколку биде нападнат.

Иранскиот функционер изјавил дека најновите разговори ја нагласиле разликата меѓу двете страни, но подвлекол дека „постои можност за постигнување привремен договор“ додека преговорите продолжуваат.

Scroll to Top