Италијанскиот министер за одбрана предупредува: Светот го зафати лудило, расте ризик од нуклеарен конфликт

Италијанскиот министер за одбрана, Гвидо Крозето, предупреди дека постои ризик конфликтот со Иран да прерасне во нуклеарен.

„Се чини дека светот го зафати лудило“, изјави Крозето во парламентот, додавајќи дека „она што веќе е трагично може да стане уште полошо“.

Тој посочи дека опасноста од ескалација е реална: „Размислете дека луѓе како нас одлучиле дека дури и Хирошима и Нагасаки се прифатливи за да се заврши конфликтот… Сè уште имаме нуклеарно оружје, а оние што го немаат го бараат. Ништо не научивме.“

На прашањето дали постои вистинска нуклеарна закана, одговори: „Не сакам ни да го изговорам тој збор. Ризикот е лудило, а ова што го живееме е конфликт во кој секоја акција бара реакција на повисоко ниво.“

Неговите изјави доаѓаат во време на засилени закани од Доналд Трамп кон Иран, додека САД и Израел продолжуваат со напади од крајот на февруари.

Во меѓувреме,  затворањето на Ормускиот теснец од страна на Иран предизвикува глобален економски притисок, а Светската здравствена организација се подготвува за можни последици од нуклеарна ескалација доколку конфликтот продолжи.

Scroll to Top