Кина спроведува „целосна проценка“ на одлуката на Врховниот суд на САД за царините и го повика Вашингтон да ги укине „релевантните еднострани царински мерки“ против своите трговски партнери, соопшти кинеското Министерство за трговија.
Коментарите дојдоа неколку дена откако Врховниот суд му зададе сериозен удар на претседателот Доналд Трамп со укинување на многу од царините што ги користеше во глобалната трговска војна, вклучително и некои против ривалската Кина.
Откако судот ја поништи одлуката на Трамп за царините во петокот, американскиот претседател објави привремени и сеопфатни царини од 10 проценти, кои ги зголеми на 15 проценти еден ден подоцна.
Кинеско министерство: Царините не се во интерес на ниту една страна
„Едностраните американски царини… ги кршат меѓународните трговски правила и домашните закони на САД и не се во интерес на ниту една страна“, соопшти кинеското Министерство за трговија.
Министерството соопшти дека забележало дека САД планираат да ги одржат царините за трговските партнери преку алтернативни средства, вклучително и трговски истраги.
„Кина ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата и цврсто да ги штити своите интереси“, објави Министерството.
Трамп ќе патува во Кина од 31 март до 2 април на долгоочекуваниот состанок на лидерите на двете најголеми економии во светот, пренесува Ројтерс.







