Кошта: ЕУ останува фокусирана на исплатата на заем од 90 милијарди евра за Украина

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денес во Киев изјави дека Европската унија ги зела предвид моменталните финансиски потреби на Украина и дека останува фокусирана на исплатата на средствата во рамките на заемот од 90 милијарди евра наменет за поддршка на таа земја.

Кошта го изјави ова на прес-конференција во Киев, по самитот одговарајќи на прашањето дали е можно да се забрза распределбата на средствата од заемот планиран за двегодишен период, така што тие ќе бидат достапни пред крајниот рок, односно во 2026 година, објави агенцијата „Укринформ“.

„Денес, Европската комисија објави одобрување на нова транша од заемот за поддршка на Украина“, потсети претставникот на ЕУ, додавајќи дека ова е тековен процес.

Тој истакна дека прашањето за задоволување на потребите на Украина секако може да се дискутира и дека може да се разгледа заедно со земјите-членки и Европската комисија, додавајќи дека главниот фокус во моментов е на реализацијата на плаќањата за кои ЕУ веќе се обврзала.

„Станува збор за околу 90 милијарди евра. Не е мала работа, туку голема сума. Ова е она што го правиме и што ќе продолжиме да го правиме“, рече Кошта.

Тој исто така нагласи дека напорите на Украина за спроведување реформи се „импресивни“, особено имајќи предвид дека земјата е во војна, додека дури и земјите во мир тешко ги спроведуваат таквите реформи.

Во исто време, коментирајќи го забрзувањето на процесот на пристапување на Украина, Кошта истакна дека не може да ја замисли можноста за побрз напредок од сегашното темпо на тој процес.

„Доаѓам од земја на која ѝ беа потребни девет години за да го заврши процесот на преговори, а ние имавме мир. Можете да замислите што значи тоа да се направи за две или три години во средината на војната“, рече португалскиот дипломат.

Тој нагласи дека напорите за проширување мора да продолжат и дека е многу важно Европа да го исполни своето ветување и успешно да го заврши процесот на проширување.

„Проширувањето е секако геополитички приоритет за Европската Унија и станува збор за проширување кон Украина, Молдавија, Западен Балкан. Секако, како што знаете, тоа се базира на заслуги. Ова значи дека имаме јасни критериуми и дека сите земји-кандидатки мора да ги исполнат“, рече тој.

Денес во Киев преку видео врска се одржа состанок на групата земји од Коалицијата кои се подготвени да ја поддржат Украина, а претседаваше британскиот премиер Енди Бернам, пренесува Танјуг.

Scroll to Top