Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека засега нема конкретни детали за организирање трилатерална средба за Украина, на која би учествувале Русија, САД и Украина.
Песков рече дека разговори за таква средба се водат, но дека е прерано да се зборува за конкретни резултати. Тој додаде дека специјалниот претставник на рускиот претседател, Кирил Дмитриев, ги продолжува контактите со американските преговарачи, при што се разговара и за можната економска соработка меѓу Русија и САД.
Дмитриев моментално се наоѓа во Њујорк, а според информации на Ројтерс, се очекува да разговара со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека американската страна предложила да се организира подготвителна трилатерална средба на техничко ниво меѓу Украина, САД и Русија.
Според Зеленски, Киев очекува Вашингтон да предложи датум, а како можна локација за средбата САД ги предложиле Обединетите Арапски Емирати.







