Франција наскоро ќе испрати воен брод, авиони и дополнителни војници на Гренланд, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој предупреди на појавата на „нов колонијализам“ и на изјави што, како што рече, „сеат сомнеж, дури и меѓу сојузниците“.
Макрон ова го соопшти во новогодишното обраќање до француските вооружени сили, наведувајќи дека дел од француските војници веќе се распоредени на Гренланд, на барање на Данска, каде им се приклучиле сили од Норвешка, Шведска и Германија.
„Нашите сили во наредните денови ќе бидат дополнително зајакнати копнено, поморски и воздушно“, рече Макрон, без да наведе детали.
Според достапните информации, најмалку еден француски воен брод и неколку авиони веќе се на пат кон северниот Атлантик.







