„Монд“: Одбраната на источното крило на ЕУ треба да биде приоритет поради руската закана

Одбраната на источното крило на Европа треба да биде „непосреден“ приоритет поради руската закана, изјавија денес лидерите на осум земји од Северна и Источна Европа на самитот одржан во Хелсинки, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.

„Русија останува закана денес, утре и во догледна иднина“, изјави финскиот премиер Петери Орпо на прес-конференција.

Ситуацијата бара источното крило на Европската Унија (ЕУ) да добие непосреден приоритет преку оперативен, координиран и повеќедоменски пристап, изјавија во заедничка изјава лидерите на Финска, Шведска, Латвија, Литванија, Естонија, Полска, Романија и Бугарија.

Потписниците ја нагласија потребата од зајакнување на копнените борбени капацитети, одбраната од беспилотни летала, воздушната и ракетната одбрана, заштитата на границите и критичната инфраструктура во рамките на ЕУ и во соработка со НАТО.

„ЕУ може да игра важна улога преку поддршка на напорите на поединечните земји-членки за зајакнување на нивните одбранбени капацитети, преку дефинирање на финансирањето, поедноставување на регулативите и подобрување на воената мобилност“, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.

Тој додаде дека нема знаци дека Русија сака мир во Украина.

Фото: депозитфотос

Scroll to Top