Морничаво откритие на семејството на жртва од „Ер Индија“: „Во ковчегот на мајка ми имаше остатоци од други лица“

Речиси два месеца по смртоносната авионска несреќа на летот „Ер Индија 171“, во која загинаа 53 британски државјани, семејствата на жртвите сè уште се соочуваат со незамислива болка. Некои од нив со недели чекале на погребите, а едно семејство открило дека во ковчегот на нивната мајка имало посмртни остатоци од други лица. На комеморацијата во Вембли, на која присуствуваа околу 300 пријатели и членови на семејства, Митен Пател им се обрати на присутните носејќи го смарагдниот прстен на својот татко, кој чудесно бил пронајден во остатоците од авионот. Неговите родители, Ашок и Шобхана Пател, се враќале дома во Кент од духовно патување во Индија кога загинале во несреќата на 12 јуни. Нивниот погреб бил одложен за неколку недели поради ужасното откритие. Митен објасни дека посмртните останки на неговите родители први биле вратени во Обединетото Кралство. „Кога се вратија дома, првото нешто што го направија беше КТ-скенирање. И тогаш се откри – КТ-скенот покажа дека покрај мајчините посмртни останки имало и останки од други лица“, изјави Митен за „Скај њуз“. Ова сознание дополнително ја продлабочило тагата на семејството. Како најстар син, Митен ја презел организацијата на прошталната церемонија, а грижата околу останките на мајка му ја одложила можноста за достојно жалење. „Мислам дека треба некој да преземе одредено ниво на одговорност. Зошто се случи ова? Каде настанала грешката во тој процес? Разбирам дека луѓето брзале, биле многу изморени. Знаете, да се соберат сите останки, па потоа да се раздвојуваат преку ДНК анализа, тоа е долг процес. Но, за нас како блиски, тоа е многу вознемирувачко“, истакна тој. Портпаролот на индиската влада, Рандхир Џајсвал, изјави дека земјата тесно соработува со британската страна и дека надлежните власти ја спровеле идентификацијата на жртвите според утврдените протоколи. „Сите посмртни останки беа обработени со највисок степен на професионалност и со должно почитување на достоинството на починатите“, рече тој, додавајќи дека продолжуваат да работат на решавање на сите отворени прашања.

Scroll to Top