Научниците предупредија за влошување на последиците од климатските промени во текот на претстојното лето

Климатските промени доведоа до рекордни пожари во Африка, Азија и на други места оваа година, а се очекува условите да се влошат со приближувањето на летото во северната хемисфера и почетокот на временските обрасци што го придружуваат феноменот „Ел Нињо“, предупредија научниците.

Пожарите од јануари до април веќе предизвикаа невидена штета, изгореа повеќе од 150 милиони хектари земја, 20 проценти повеќе од претходниот рекорд, според извештајот на истражувачка група што ја проучува улогата на глобалното затоплување во екстремните временски настани.

Истражувачите предупредуваат дека ова лето би можеле да бидат соборени температурни рекорди, што би предизвикале широко распространета суша, како и пожари, со влијанието на климатските промени предизвикани од човековото дејствување, засилено од особено силниот ефект на временскиот феномен „Ел Нињо“.

„Иако глобалната сезона на пожари сè уште не се загреала во многу делови од светот, овој брз почеток, во комбинација со прогнозата за „Ел Нињо“, значи дека нè очекува особено тешка година“, рече Теодор Кипинг, експерт за шумски пожари на „Империјал колеџ“ во Лондон и член на истражувачка група која предупредува дека околу 85 милиони хектари земја изгореле во Африка оваа година, што е за 23 проценти повеќе од претходниот рекорд од 69 милиони хектари.

„Невообичаено високата активност на пожарите во Африка е предизвикана од брзиот премин од екстремно влажни кон екстремно суви временски услови“, рече Кипинг, пренесува Танјуг.

Тој предупреди дека ризиците од пожари во природа би можеле да се влошат подоцна оваа година, при што „Ел Нињо“ ја зголемува веројатноста од екстремна топлина и суша во Австралија, Канада, САД и амазонската дождовна шума.

Scroll to Top