Нетанјаху откри дека се лекувал од рак на простата

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху објави дека се лекувал од рак на простата, презентирајќи ги резултатите од својот годишен лекарски преглед, пренесува Си-Ен-Ен. Ова е првпат најдолговечниот премиер во историјата на Израел јавно да соопшти дека му била дијагностицирана малигна болест.

Нетанјаху (76) во декември 2024 година бил опериран поради зголемена простата, а при последната контрола бил откриен малиген тумор помал од еден сантиметар. Од кабинетот на премиерот објавиле и две писма од неговите лекари.

„Станува збор за рано откриена многу мала лезија, без метастази, што е потврдено со сите други тестови“, се наведува во едно од писмата.

Според извор запознаен со случајот, ракот бил дијагностициран пред неколку месеци, по што Нетанјаху започнал таргетирана радиотерапија, која ја завршил неодамна.

„Фала му на Бога, здрав сум. Имав мал медицински проблем со простатата кој целосно е решен“, напиша Нетанјаху на социјалните мрежи.

Тој додаде дека објавувањето на извештајот го одложил за два месеци, за да спречи, како што рече, тоа да биде искористено за пропаганда од страна на Иран.

Scroll to Top