Дирекцијата за истрага на организиран криминал и тероризам во Романија (DIICOT) отвори кривична постапка во случај во кој романска бизнисменка била измамена за 2,5 милиони долари од Нигериец кој се претставувал како „престолонаследник на Дубаи“, објавија „Агерпрес“ и „БТА“.
Од Дирекцијата денеска издадоа официјално соопштение за случајот, поради зголемениот интерес на медиумите. Во тек е истрага за кривичните дела „организирање криминална група“ и „измама со особено сериозни последици“.
Според медиумските извештаи, романската бизнисменка изгубила над 2,5 милиони долари откако била убедена да инвестира заедно со „престолонаследникот на Дубаи“ во хуманитарна фондација.
Всушност, станува збор за нигериски измамник по име Хенри Еке, кој користел сложена шема за да ги измами своите жртви, вклучувајќи лажни идентитети, фиктивни банки, наводни „финансиски советници“, како и романтични ветувања и предлози за брак.
Жената во Романија била убедена дека разговара со принц од Дубаи и префрлила над 2,5 милиони долари на лажна сметка на „фондација“. Парите доаѓале од различни банкарски кредити, за кои го хипотекирала својот дом, како и од финансиските ресурси на нејзината компанија.
Таа открила дека станува збор за измама откако ја контактирале двајца соучесници на Нигериецот, кои биле незадоволни што не го добиле својот дел од парите. Тие ѝ признале дека целата операција била измама.







