ОАЕ: Пресретнавме два дрона од Иран

Противвоздушната одбрана на Обединети Арапски Емирати денеска пресретнала два дрона кои, според официјалното соопштение на Министерството за одбрана, пристигнале од Иран.

Станува збор за најнов инцидент во серијата напади насочени кон оваа нафтено богата заливска земја.

Властите во ОАЕ соопштија дека во изминатите неколку дена земјата била цел на повеќе напади од иранска територија, и тоа по период од околу четири недели релативен мир.

Тој мир, според извештаите, следел по најавата на САД за примирје во конфликтот со Иран.

Иранските власти ги негираат обвинувањата дека стојат зад најновите напади врз Емиратите, но воедно предупредуваат на „разорен одговор“ доколку ОАЕ преземат какви било воени акции против Иран.

Поради зголемените тензии и безбедносни ризици, дел од училиштата во ОАЕ привремено преминаа на онлајн настава.

Сепак, властите најавија дека учениците утре повторно ќе се вратат во училишните клупи, откако ситуацијата делумно се стабилизирала.

Scroll to Top