Речиси 4.000 летови беа откажани денес до или од Соединетите Американски Држави, а аеродромите во Бостон и Њујорк се најтешко погодени, според податоците од веб-страницата „FlightAware“.
Од петок, повеќе од 20.000 летови беа откажани поради зимската бура, објавува „ABC News“.
Само во неделата беа откажани повеќе од 11.000 летови, што е најголем број дневни откажувања од пандемијата на коронавирусот, според податоците од компанијата „Сириум“.
Се очекува летовите да продолжат денес на аеродромот Роналд Реган во Вашингтон, откако аеродромот вчера го прекина целиот сообраќај поради зимската бура.
Најмалку 18 лица во неколку федерални држави загинаа во бранот на ледената бура низ САД, објавија американските медиуми.
Во градот Фриско, Тексас, недалеку од Далас, 16-годишно девојче починало додека се санкало, соопшти локалната полиција, наведувајќи дека девојчето го влечело со санката тинејџер кој возел моторна санка.
Во соопштението се наведува дека санката на која се возело девојчето прво удрила во тротоарот, а потоа во дрво.
Во областа Остин, една жртва на хипотермија е пронајдена на паркингот на напуштена бензинска пумпа, соопштија локалните власти.
Во државата Арканзас, 17-годишно момче починало по сообраќајна несреќа во која удрил во дрво со санка, соопшти шерифската канцеларија на округот Салин.
Во сојузната држава Пенсилванија, три лица загинале додека чистеле снег, соопштија окружните власти, додавајќи дека жртвите биле на возраст од 60 до 84 години.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека пет лица загинале во ледениот бран, а бостонските медиуми објавија дека во државата Масачусетс, една жена починала откако била удрена од возило за чистење снег.
Три смртни случаи се пријавени во Тенеси, два во Луизијана и еден во Канзас, потврдија официјални лица во тие држави за ABC News, пренесува Танјуг.







