Орбан до Зеленски: Ми ласкаш, но не можам да ги поддржам твоите воени напори

Унгарскиот премиер Виктор Орбан му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Унгарија не може да ги поддржи украинските воени напори, иако, како што наведе, ќе продолжи да му помага на украинското население.

„Ми се чини дека нема да можеме да се разбереме. Јас сум слободен човек кој му служи на унгарскиот народ. Ти си човек во очајна ситуација кој веќе четврта година не може или не сака да ја приведе војната кон крај, и покрај фактот дека американскиот претседател обезбеди сè што беше можно за тоа“, му порача Орбан на Зеленски.

Во објава на социјалните мрежи, Орбан напиша:

„Затоа, колку и да ми ласкаш, не можеме да ги поддржиме твоите воени напори. Украинскиот народ, секако, и покрај твоите внимателно одбрани навреди, и понатаму може да смета на тоа дека ќе продолжиме да ја снабдуваме вашата земја со електрична енергија и гориво, како и дека ќе продолжиме да им помагаме на бегалците кои доаѓаат од Украина.“

Пораката ја заврши со зборовите: „Останатото ќе го реши самиот живот и секој ќе го добие она што го заслужува.“

Објавата на Орбан уследи по говорот на Володимир Зеленски на Светски економски форум, каде што украинскиот претседател критикуваше дел од европските сојузници, меѓу кои и Унгарија.

Во својот говор, Зеленски порача дека „силите кои сакаат да ја уништат Европа не губат ниту еден ден“ и дека тие можат да дејствуваат и внатре во Европска унија.

„Мора јасно да се каже: секој Виктор што живее од европските пари, а притоа ги распродава европските интереси, заслужува шлаканица по шеширот. И дури и ако некој се чувствува удобно во Москва, не би смееле да дозволиме европските престолнини да станат мали Москви“, рече Зеленски, алудирајќи на унгарскиот премиер.

Украинскиот претседател во истиот говор го критикуваше и поширокиот европски одговор на руската агресија, оценувајќи дека Европа, наместо единствен настап против Русија и градење вистинска глобална моќ, останува „фрагментиран калеидоскоп од мали и средни сили“.

Фото: ЕПА

Scroll to Top