Унгарскиот премиер Виктор Орбан го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за „користење на неговата вообичаена тактика на морална уцена“.
„Се испостави дека претседателот Зеленски сака да одлучи што е најдобро за Унгарците. Тој повторно ја користи својата вообичаена тактика на морална уцена за да ги принуди земјите да ги поддржат неговите воени напори.
Почитуван господине претседателе, со сето должно почитување, Унгарија нема морална обврска да го поддржи пристапувањето на Украина во ЕУ. Ниту една земја никогаш не влегла во ЕУ преку уцена – и тоа нема да се случи ниту овој пат.
Договорот за ЕУ не остава простор за двосмисленост: членството се одлучува едногласно од земјите-членки. Унгарскиот народ одлучи. Тие со огромно мнозинство рекоа „не“ на членството на Украина во ЕУ на референдум. Ако сакате да го промените тоа, медиумската кампања што ја водите против Унгарија веројатно не е најдобриот начин да се добијат пријатели“, напиша Орбан на Икс.
Зеленски вчера на прес-конференција со холандскиот премиер Дик Шуф изјави дека Украина ќе стане членка на ЕУ без оглед на ставот на Орбан. „Украина ќе биде во ЕУ, со или без Орбан, бидејќи тоа е избор на украинскиот народ“, нагласи Зеленски.
фото: принтскрин







