Орбан со обвинување до лидерите на ЕУ, дека се согласиле со Зеленски за продолжување на војната

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес ги обвини европските лидери, предводени од Урсула фон дер Лајен, дека се согласиле со украинскиот претседател Володимир Зеленски за продолжување на војната.

„Ова се лоши вести за Европа. Војната за која очигледно нема решение на фронтот, но која подразбира ужасно уништување, се продолжува. Околу 35.000 луѓе умираат или остануваат осакатени секој месец, додека линиите на фронтот едвај се движат, оставајќи стотици илјади вдовици, сирачиња, мајки кои тагуваат по своите синови. Ова е она што Брисел го поддржува“, се наведува во објавата на Орбан на Фејсбук.

Орбан истакна дека стотици милијарди евра се горат „залудно“ и додаде дека војната во Украина не ја осакатува Русија, туку Европа, како и создава ризик од нуклеарен конфликт и конфронтација на Европа со нуклеарна сила, пренесува МТИ.

„Ќе нè вовлечат во тоа ако им дозволиме“, рече Орбан и го обвини лидерот на унгарската опозициска партија дека минатата недела во Минхен со германска помош потпишал таен договор со бриселските лидери.

„Тој ќе ја одвои Унгарија од евтината нафта и гас. Тиса застана на страната на Украина, а не на Унгарците, во енергетската војна. Унгарија мора да остане настрана од ова. Унгарската влада мора да ја зачува безбедноста на Унгарија. Ние ќе го постигнеме тоа“, рече Орбан, додавајќи дека договорот на лидерот на Тиса бил чуван во тајност за да не ја дознаат Унгарците вистината пред изборите, објави Танјуг.

Scroll to Top