Отворена е кривична истрага против двајцата сопственици на барот што изгоре во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана, при што загинаа 40 лица, соопшти денеска полицијата.
– Тие се обвинети за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност, соопшти полицијата на кантонот Вале, каде што се наоѓа Кран-Монтана. „Треба да се напомене дека презумпцијата на невиност се применува сè додека не се донесе правосилна пресуда“ – нагласи полицијата.
Експертите за заштита од пожари веќе покренаа прашања за тоа дали барот имал доволно излези за итни случаи и дали материјалот на таванот (најверојатно поставен за звучна изолација) бил во согласност со законот.
Сопствениците на барот, брачниот пар од Франција Жак и Џесика Морети, изјавија за медиумите дека се скршени од трагедијата и дека соработуваат со властите за расветлување на катастрофата.
– По завршувањето на првичните истраги, кои беа спроведени под надзор на јавното обвинителство на Вале, синоќа беше отворена кривична истрага против двајцата управители на барот – наведува полицијата.







