Во Австрија е пронајдена прва тегла бебешка храна од брендот „Хип“ во која е потврдено присуство на отров за стаорци, по што полицијата издаде итно предупредување. Властите стравуваат дека контаминирани производи можеби се пуштени во продажба, а случајот е поврзан со уцена на производителот, јави „Хојте.ат“.
Контаминираната тегла, со вкус „морков и компир“, била пронајдена во Бургенланд и не била консумирана. Лабораториска анализа потврдила присуство на отров, а слични сомнителни производи се пријавени и во Чешка и Словачка.
Полицијата ги повика родителите да бидат внимателни и да не отвораат ниту да даваат на деца сомнителни производи. Како знаци за сомнеж се наведуваат оштетено пакување, недостиг на вакуумски затворач или необичен мирис.
Трговскиот ланец „Шпар Австрија“ превентивно ги повлече сите производи на „Хип“ од продажба и ги повика купувачите да ги вратат, со можност за рефундација и без сметка.







