Папата против смртната казна, САД најавија погубување во живо

Папата Лав XIV денеска оцени дека смртната казна е „недозволива“, по повод Светскиот ден против смртната казна, додека САД најавија директен пренос на погубувањето на поранешен припадник на американската војска, пренесува агенцијата АП.

Во објава на социјалната мрежа Икс, папата се повика на учењето на Католичката црква, изменето од неговиот претходник, папата Франциск, според кое смртната казна го нарушува вроденото достоинство на човекот.

„Општото добро може да се заштити, а барањата на правдата да се исполнат и без прибегнување кон смртната казна“, порача папата, додавајќи дека современите затворски системи овозможуваат заштита на граѓаните без на осудениците целосно да им се одземе можноста за искупување.

Неговата порака доаѓа откако американското Министерство за одбрана најави дека погубувањето на Нидал Малик Хасан, осуден за нападот во воената база Форт Худ во 2009 година, ќе биде пренесувано во живо.

Хасан, кој е осуден за убиство на 13 лица и ранување на уште 32, треба да биде погубен со стрелање на 3 декември.

Иако папата директно не го коментираше овој случај, државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, го оцени планираното јавно погубување како „неприфатливо“.

Папата Франциск во 2018 година го измени официјалното учење на Католичката црква, прогласувајќи ја смртната казна за недозволива во сите околности.

Scroll to Top