Русија тргнува од претпоставката дека Гренланд е данска територија, изјави денес портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
„Забележуваме многу контрадикторна ситуација. Тргнуваме од претпоставката дека Гренланд е територија на Кралството Данска. Слушнавме изјави и од Данска и од самиот Гренланд дека Гренланд нема намера да биде продаден на никого. А слушнавме и изјава од Вашингтон дека Вашингтон формулира парична понуда за стекнување на Гренланд во една или друга форма“, рече Песков, пренесува РИА Новости.
Тој ја нарече ситуацијата околу Гренланд необична и вонредна.
„Ситуацијата е необична, дури би рекол вонредна од гледна точка на меѓународното право. Но, од друга страна, со оглед на тоа што претседателот Трамп е во Вашингтон, самиот рече дека меѓународното право не му е приоритет. Затоа, ситуацијата се развива по поинаков пат“, рече Песков.
Како што изјави, Русија, како и остатокот од светот, ја следи ситуацијата во врска со Гренланд, пренесува Танјуг.







