Пет деца кои страдаат од таласемија во индиската држава Мадја Прадеш биле заразени со вирусот ХИВ по примање трансфузии на крв, објавија локалните власти, објави денес Би-Би-Си.
Најновите случаи на ХИВ инфекција предизвикаа загриженост во врска со начинот на кој се даваат трансфузии, а властите формираа комитет за истражување на инцидентот.
Овие случаи следеа по слични инфекции во источната држава Џарканд во октомври, каде што пет деца под осумгодишна возраст беа заразени со вирусот по примање трансфузии на крв во државна болница, потсетува Би-Би-Си.
Властите во државата Гуџарат започнаа истрага во 2011 година откако 23 деца со таласемија беа позитивни на вирусот по примањето трансфузии во болницата.
Родителите на пациенти со таласемија минатата недела го повикаа индискиот парламент да го усвои Националниот закон за трансфузија, за кој велат дека ќе ги заостри регулативите поврзани со собирањето на залихите од крв, нивното тестирање и трансфузија.
Фото: депозитфотос







