Полицискиот службеник Бојан Ж. (43), неговата сопруга Дијана К. (38) и нивниот деветгодишен син загинале ноќеска во стравична сообраќајна несреќа во Нов Белград, кога во нивниот автомобил „Хјундаи“ удрило „ауди“ со кој управувал 24-годишниот Н. Ѓ. , под дејство на алкохол, пишува „Телеграф“.
Ввозачот на аудито поминал на црвено светло и со голема брзина директно се судрил со возилото во кое се наоѓало семејството. Сударот бил толку силен што двата автомобили биле целосно уништени, а на аудиото се активирале и воздушните перничиња.
Возачот имал 1,17 промили алкохол во крвта. Освен што ја усмртил целата фамилија, тој полесно се повредил, а неговиот сопатник, 24-годишниот Јован П. од Брчко, се здобил со потешки повреди и е хоспитализиран во Ургентниот центар во Белград.
Осомничениот Н. Ѓ. е приведен и му е одредено задржување од 48 часа.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјавил дека несреќата се случила околу 00:50 часот во улицата Омладинских бригада во Нов Белград и потврдил дека против возачот е поведена постапка за тешки дела против безбедноста на јавниот сообраќај.
„Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и истакнувам дека ќе продолжиме со најстроги контроли и санкции за сите кои со своето неодговорно однесување го загрозуваат животот на граѓаните“, изјавил Дачиќ.







