Пропаднаа трговските преговори меѓу САД и Канада, Трамп не успеа да го принуди Отава на отстапки

Пропаднаа трговските преговори меѓу САД и Канада, што отвора прашања за границите на агресивната трговска стратегија на американскиот претседател Доналд Трамп.

Според анализа на „Вашингтон пост“, администрацијата на Трамп се обиде со силен притисок да ја натера Канада да направи отстапки, но наместо тоа, канадскиот премиер Марк Карни се повлече од преговорите. Како причина го наведе постојаното проширување на американските барања.

Преговорите требаше да спречат воведување нови американски царини од 50 отсто, со кои Трамп се закани доколку Канада не ги повлече своите контрамерки.

Трамп во вторникот дури објави дека двете страни постигнале „договор“ и дека им остануваат уште неколку дена за финализирање на документите. Сепак, разговорите набрзо пропаднаа.

Американската стратегија се темели на огромната големина на пазарот на САД, со вредност од околу 32 илјади милијарди долари. Вашингтон смета дека оваа економска моќ може да се искористи за да се натераат другите држави да ги отворат своите пазари, да инвестираат во САД и да направат промени во сопствените трговски политики.

Во изминатата година САД склучија десет таканаречени „реципрочни трговски договори“ со земји како Малезија, Камбоџа и Аргентина, како и други трговски рамки со Европската Унија, Велика Британија и Јапонија.

Американската поранешна трговска преговарачка Венди Катлер оцени дека неуспехот со Канада би можел внимателно да го следат и другите партнери на Вашингтон.

Според неа, земјите кои се незадоволни од американските барања би можеле да побараат промени во сопствените договори, особено откако виделе какви отстапки Вашингтон бил подготвен да понуди на Отава.

Дополнителен проблем е што САД и Канада се исклучително економски поврзани. Двете земји годишно разменуваат стоки и услуги во вредност поголема од 700 милијарди долари.

Американските земјоделци зависат од Канада за речиси 80 отсто од калиумовите ѓубрива што ги користат, додека дел од северните американски сојузни држави добиваат електрична енергија од канадските хидроцентрали.

Американските рафинерии на Средниот Запад, пак, се приспособени за преработка на тешката сурова нафта од Канада, што помага цените на горивата да останат пониски.

Пропаѓањето на преговорите може да доведе до нов раст на трошоците за компаниите од двете страни на границата. Особено ранливи се малите американски бизниси, кои царините ги плаќаат веднаш при увозот, додека приходите од продажбата често ги добиваат дури по 30 или 60 дена.

Дел од дополнителните трошоци би можеле да завршат и кај американските потрошувачи, бидејќи компаниите би биле принудени да ги зголемат цените на производите.

Канада веќе најави дека на 8 септември ќе одговори на новите американски царини со сопствени трговски мерки.

И покрај пропаѓањето на разговорите, аналитичарите не очекуваат трговските односи меѓу двете земји лесно да се прекинат. Економиите на САД и Канада се длабоко интегрирани, а новиот циклус на царини и контрамерки би можел да им нанесе сериозна штета и на двете страни.

Канадскиот премиер Карни во саботата предупреди дека трговските односи меѓу двете земји, кои траат околу 160 години, се наоѓаат на „црвена линија“.

Неуспехот на преговорите доаѓа и во чувствителен политички момент за Трамп. Новите царини би можеле да ги зголемат цените на низа производи во САД, само неколку месеци пред конгресните избори во ноември, на кои трошоците за живот се очекува да бидат една од главните теми.

Scroll to Top