Рускиот претседател, Владимир Путин, го коментираше инцидентот со беспилотното летало кое удри во зграда на романска територија, критикувајќи ги реакциите од Европската Унија и нудејќи спроведување руска истрага под одредени услови.
Путин тврди дека Европската Унија автоматски го покажува прстот кон Русија по секој таков инцидент. „Првата реакција во ЕУ на кое било беспилотно летало е да се прогласи за руско, а потоа се покажува дека не е“, рече тој.
Во врска со конкретниот случај, тој рече дека Москва е подготвена да ги истражи околностите на падот на леталото ако ги добие потребните информации.
„Доколку добиеме објективни информации за падот на беспилотното летало во Романија, ќе спроведеме објективна истрага“, рече Путин.
На изјавата на Путин ѝ претходеше изјава од портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која ги отфрли тврдењата дека руските беспилотни летала се одговорни за инцидентите над европска територија.
„Сите обвинувања што ги слушаме, особено за беспилотни летала некаде во земјите од Европската Унија, се целосно неосновани, не се презентирани никакви факти, материјали или докази“, рече Захарова, пренесен руската новинска агенција РИА.
Нејзината изјава доаѓа откако романските власти објавија дека дронот што синоќа удрил во станбена зграда во Галац бил од руско потекло и носел експлозиви. Букурешт го нарече инцидентот сериозно кршење на нејзиниот суверенитет и воздушен простор, додека НАТО и бројни европски претставници изразија поддршка за Романија.
Москва, сепак, продолжува да ја негира одговорноста. Додека Путин тврди дека Европската Унија премногу брзо заклучува дека леталата биле руски, Захарова вели дека не се презентирани докази за ваквите обвинувања.
Руските власти сè уште официјално не признале дека леталото што се урна во Романија било руско.
фото/Depositphotos







