Албанскиот премиер Еди Рама, на Форумот за мир во Париз изјави дека непризнавањето на Косово од страна на Србија е „суштински проблем“ на регионот.
Рама рече дека Балканот мора да избере помеѓу поделба и соработка.
„Косово е проблем затоа што за нас е земја со свои права. Но, за Србија или за другите земји – не е. Тоа е голем проблем. Или ќе продолжиме да гледаме наназад, да разгоруваме тензии и негативна енергија и да нанесуваме штета на себе и на нашата економија – ние сме мали пазари – или да бидеме заедно. Другата алтернатива беше да не се согласуваме и да не соработуваме“, рече Рама, пренесува Koha.net.
Тој додаде дека денес Европа се соочува со истите предизвици што некогаш го карактеризираа балканскиот регион.
„Европа стана многу балканизирана. Мислам дека Франција е исто така многу балканизирана – тие не можат да донесат буџет. Погледнете ја Британија, таму е уште полошо. Сега ние сме добрите, затоа им велам: склучете мир, не заканувајте се, разговарајте, затоа што доаѓаме од пеколот и ние сме гласници на мирот“, нагласи Рама.
Рама изјави дека Албанија, без оглед на тоа дали другите ја слушаат или не, ќе продолжи да работи за регионална стабилност.
„Ако светот стане подобро место, ќе кажеме дека сме ја завршиле нашата работа. Ќе добиеме место во рајот како Албанци“, рече тој со насмевка.
Албанскиот премиер ги оцени односите со Италија и улогата на Европската Унија.
„Италијанците се Албанци облечени во Версаче. Имате премиер – исклучителна и фасцинантна жена. Таа не е висока, но верувајте ми, кога зборува, таа е повисока и од мене. ЕУ е најголемиот политички проект што човештвото некогаш го доживеало“, рече Рама.
На крајот од своето обраќање, Рама истакна дека членството на Албанија во Европската Унија е историски благослов.
Фото: принтскрин







