Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека денес разговарала со украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Разговаравме за настаните од изминатите неколку дена и следните чекори кон мировен договор, членството на Украина во Европската Унија и обновата на земјата“, рече таа. „Ставот на Европа е јасен – ние целосно ја поддржуваме Украина и ќе продолжиме да играме активна улога во обезбедувањето праведен и траен мир“, додаде фон дер Лајен. Таа не учествуваше во вчерашниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Зеленски и лидерите на неколку клучни европски земји, вклучувајќи ги лидерите на Германија, Полска и Италија. Денес беше потврдено и дека во следните денови ќе се одржи средба меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Кремљ вели дека подготовките се во тек, а Путин рече дека Обединетите Арапски Емирати би можеле да бидат едно од можните места за самитот.
