Русија го приведе главниот лекар и вршителот на должноста раководител на одделението за интензивна нега во сибирско породилиште откако починаа девет новороденчиња, соопштија руските власти.
Рускиот државен истражен комитет објави дека лекарите се приведени под сомнение за предизвикување смрт од небрежност, додека осомничените не се огласија, објавува Ројтерс.
„Како резултат на неправилното извршување на службените и професионалните должности од страна на осомничениот во организирањето и обезбедувањето медицинска нега, починаа девет новороденчиња родени помеѓу 1 декември 2025 година и 12 јануари 2026 година“, објави Комитетот.
Случајот предизвика големи негодувања низ цела Русија, имајќи предвид дека претседателот Владимир Путин го наведе зголемувањето на стапката на наталитет како еден од приоритетите на земјата, анализираат медиумите.







