Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата нема да учествува во воени операции против Иран и дека станува збор за кампања што ја предводат САД и Израел.
„Не, ова е јасно кампања што ја предводат Американците и Израелците“, изјави Руте за Би-Би-Си, одговарајќи на прашање дали силите на НАТО ќе бидат вклучени.
Тој додаде дека сојузниците на НАТО и пријателите во регионот се соочуваат со, како што рече, неселективни напади од Иран и дека Европа апсолутно ги поддржува американските потези, оценувајќи дека Иран претставува закана за Европа, Израел и поширокиот регион.
Руте посочи дека имал повеќе разговори со американски претставници и дека Вашингтон и НАТО тесно координираат, но одби да открие дали однапред знаел за нападите.
Изјавата доаѓа во услови на ескалација на конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, со меѓусебни ракетни и дрон-напади и вклучување на Хезболах во борбите од јужен Либан.







