САД, Украина и Русија на преговарачка маса во Абу Даби

Првите трилатерални мировни преговори меѓу Соединетите Американски Држави, Украина и Русија ќе се одржат денес во Абу Даби, потврди Кремљ. Средбата следи по разговорите меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Давос и средбата на американската делегација со Владимир Путин во Москва, пишува Скај њуз.

Потврдата за руското присуство дојде откако Владимир Путин се сретна со мировниот претставник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер во Москва.

Кремљ ги опиша четиричасовните разговори како „исклучително суштински, конструктивни и… исклучително искрени и доверливи“, но исто така изрази сомнежи за можноста за значителен напредок.

Во соопштението се повтори предупредувањето дека нема перспектива за долгорочно решение ако не се решат територијалните прашања, што, според Кремљ, беше договорено на минатогодишниот самит меѓу Трамп и Путин во Алјаска.

Москва додаде дека Русија ќе продолжи со воените дејствија сè додека не се постигне дипломатско решение.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски наговести дека трилатералниот состанок бил идеја на Вашингтон во последен момент, договорен дури по неговата средба со Трамп во Давос.

Киев објави дека ќе ги испрати главниот преговарач Рустем Умеров и началникот на кабинетот на Зеленски, Кирил Буданов, на преговорите.

Москва објави дека рускиот тим ќе го предводи адмиралот Игор Костјуков.

 

фото/епа

Scroll to Top