Израелските одбранбени сили (ИДФ) издадоа предупредувања за евакуација до жителите на девет села во јужен Либан, пред, како што наведоа, планираните воздушни напади врз Хезболах.
Според воените најави, на жителите на селата Какајет ал-Шубара, Каутариет Ел Сајада, Меруанија, Гасанија, Тефахта, Ирзај, Баблија, Инсар и Ал-Баисари им беше наредено да се повлечат најмалку еден километар од нивните населби, објави „Тајмс оф Израел“.
Портпаролот на ИДФ, полковник Авичај Адраи, рече дека војската дејствува против Хезболах поради, како што рече, кршење на договорот за прекин на огнот, со порака дека операциите не биле насочени против цивили.
Израелската армија објави дека дрон лансиран од Либан активирал сирени во областа на планината Мерон, но дека нема повредени во инцидентот и дека „ситуацијата е завршена“.
Како што претходно денес објави либанската агенција ННА, израелските воени авиони утрово извршија воздушни напади врз градот Џохмор ел Шакиф на југот на Либан.
Според истиот извор, градовите Кфар Тебнит, Арнун и Џохмор ел Шакиф, како и подрачјето на патот Арнун-Кфар Тебнит, биле изложени на силно артилериско бомбардирање.
Израел и Либан претходно се согласија да го продолжат примирјето прогласено од американскиот претседател Доналд Трамп на 16 април за 45 дена, како што објави Стејт департментот синоќа.







