Северна Кореја никогаш нема да се согласи на денуклеаризација, и покрај барањата на Соединетите Американски Држави и нивните сојузници, објави портпаролот на Министерството за надворешни работи на ДНРК, реагирајќи на заедничката изјава на министрите за надворешни работи на земјите од безбедносниот дијалог, познат како Квадрилатерален.
Индија, Австралија, САД и Јапонија учествуваат во овој формат, а во заедничката изјава по состанокот во Њу Делхи беше повторен повикот до Пјонгјанг да спроведе целосна, проверлива и неповратна денуклеаризација.
„Сакаме уште еднаш да разјасниме дека никогаш нема да има денуклеаризација на ДНРК“, рече портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Тој оцени дека секој обид за притисок од страна на САД и нивните партнери од Квадрилатералата само дополнително ја потврдува решеноста на Пјонгјанг доследно да ги брани своите суверени права и интереси за национална безбедност.
Севернокорејското Министерство го нарече Квадрилатералниот политички и дипломатски инструмент кој, како што се наведува, служи на американската стратегија за доминација во униполарен свет. Пјонгјанг тврди дека барањата за денуклеаризација се дел од она што го нарекува непријателски пристап за прикривање на намерите на Вашингтон да го прошири своето воено присуство во Азиско-пацифичкиот регион.
Во соопштението се критикуваат и плановите за ремилитаризација на Јапонија, како и намерите на Австралија да изгради флота од нуклеарни подморници. Севернокорејската страна оцени дека токму ваквите потези претставуваат реална закана за регионалната стабилност.







