Сопствениците на барот во Кран-Монтана признаа дека немало систем за гаснење пожар, а излезите за итни случаи биле блокирани

Сопствениците на швајцарскиот бар каде загинаа 40 лица, а 116 беа повредени, Жак и Џесика Морети, признаваат дека во објектот немало спринклер-систем и дека вработените не биле обучени за постапување во случај на пожар. По првото сослушување, во јавноста излегуваат нови детали.

Пожарот го предизвикале прскалки, излезите за итни случаи биле блокирани, а меѓу повредените имало и малолетници. Според телевизијата BFMTV, двајцата во одделни сослушувања дале детални искази за случувањата таа кобна ноќ.

Според исказите на Џесика и Жак Морети, вечерта во клубот „Ле Констелејшн“ започнала мирно. Џесика пристигнала околу 22:30 часот, додека Жак се наоѓал во друг локал што исто така е во нивна сопственост – барот „Сенсо“.

– На полноќ имаше многу малку луѓе. Подоцна клубот се наполни и во еден момент имаше околу 100 гости – рекла Џесика.

До пожарот дошло кога келнери на рамењата носеле шишиња со запалени прскалки до масите.

– Одеднаш почувствував немир во толпата. Видов портокалова светлина во еден агол од барот. Веднаш извикав: „Сите надвор!“ и ги повикав пожарникарите – раскажала Џесика Морети.

Жак Морети, кој во тој момент бил во барот „Сенсо“, околу 1:28 часот добил паничен повик од сопругата:

– Му реков: „Гори, дојди веднаш!“ Разговорот траеше единаесет секунди.

Кога пристигнал на местото, клубот веќе бил полн со чад. Главниот влез бил непрооден, а задната врата заклучена одвнатре. Заедно со уште две лица ја обиколил зградата и ја отклучил вратата.

– Кога се отвори вратата, повеќе луѓе лежеа без свест на подот – навел тој.

Истрагата брзо се насочила кон безбедносните мерки во клубот. Според BFMTV, сопствениците навеле дека локалот го презеле во 2015 година и темелно го реновирале. Електричните инсталации и вентилацијата ги поставувале надворешни фирми.

Клубот имал еден главен излез и еден излез за итни случаи, кои, според Жак Морети, биле соодветно обележани. Фотографиите до кои дошол BFMTV ги потврдуваат тие тврдења.

Сепак, Морети признаа дека во објектот немало спринклер-систем и дека вработените не биле специјално обучени за постапување во случај на пожар. Прскалките што го предизвикале пожарот, како што велат, биле вообичаени на роденденски прослави.

– Прскалките горат 30 до 40 секунди, доволно за да се донесат од барот до масата, без никој да биде повреден – рекол Жак Морети.

Дополнителен проблем било присуството на малолетници во барот. Сопствениците изјавиле дека на лица помлади од 16 години не им дозволуваат влез, додека за гостите од 16 до 18 години бараат придружба од возрасен.

– Правиме сè што можеме за тоа да го обезбедиме, но не е исклучено во поединечни случаи да дојде до грешки – признал Жак Морети.

Сепак, ноќта на трагедијата во клубот имало повеќе малолетници, вклучувајќи и деца помлади од 16 години. Дел од нив не го преживеале пожарот.

Против Џесика и Жак Морети во меѓувреме е подигнато обвинение за убиство од небрежност, ненамерно предизвикување пожар и нанесување телесни повреди.

Истрагата сè уште е во тек.

Scroll to Top