Долгогодишната сојузничка на американскиот претседател Доналд Трамп, Марџори Тејлор Грин, денеска соопшти дека ќе поднесе оставка од местото во Претставничкиот дом, по неодамнешниот судир со Трамп, кој нејзиниот потег го оцени како „одлична вест за Америка“.
Грин во објава на социјалните мрежи наведе дека „лојалноста треба да биде двонасочна улица“, а дека Конгресот е „во голема мера маргинализиран“ под администрацијата на Трамп.
Таа долго време беше лојална соработничка на Доналд Трамп и движењето МАГА, но последните недели зазеде ставови што се во спротивност со позицијата на Белата куќа, поради што американскиот претседател ѝ ја ускратил понатамошната поддршка. Како причина за раздор со Трамп, Грин го навела нејзиното залагање за објавување на владините досиеја за осудениот сексуален сторител Џефри Епштајн.
Покрај тоа, Марџори Тејлор Грин годинава стана првата републиканска пратеничка која го нарече нападот на Израел врз Појасот Газа геноцид. Таа минатата недела изјави дека се соочува со закани поради критиките што Трамп ги упати кон неа на социјалните мрежи.
Оставката на Марџори Тејлор Грин ќе ја намали републиканската мнозинска предност во Претставничкиот дом на 218 спрема 213 пратеници демократи.







