Економските загуби за Бугарија и соседните земји ќе бидат критични поради блокадата на границите со Србија и Северна Македонија, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов за време на денешниот „Софски економски форум“.
„Ваквите блокади водат до многу сериозни последици не само за транспортот, туку и за целата економија што зависи од снабдувањето“, рече Караџов, цитиран од БНТ. Според него, постапките на превозниците од Западен Балкан ги кршат основните европски права за слободно движење на стоки.
И покрај сериозноста на ситуацијата, министерот за транспорт појасни дека Бугарија нема овластување сама да го реши проблемот. Тој ги упати превозниците кон европските институции, бидејќи спорот е поврзан со новите правила за влез во Шенген зоната, пренесува „Факти.бг“.
„Подобро е да седнеме и да разговараме со европските институции. Ниту владата во Бугарија, ниту која било друга земја-членка немаат никаква врска со оваа одлука“, додаде Гроздан Караџов. Тој ја повика Европската комисија што поскоро да почне преговори за да се најде компромис додека не се отворат границите.
Вицепремиерот изрази сериозна загриженост дека неговите обиди да иницира „прозорци“ за премин преку граничните премини Калотина и Гујешево може да бидат неуспешни.
Во моментов, загубите за превозниците се проценуваат на десетици илјади евра дневно, а ризикот од последователни потреси врз цените на основните производи останува висок.







